Сериозна власт на ваква криза би требало сериозно да одговори. За жал не станува збор за сериозна власт која сериозно и пристапува на настанатата состојба во која се наоѓа земјата, вели пратеникот од СДСМ, Митре Велјаноски, коментирајќи го неуспехот на денес одржаната средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Никола Груевски.

Како што изјави Велјаноски, се додека уставниот поредок и парламентарната демократија се суспендирани, СДСМ останува доследна на своите барања.

– Од овој ќорсокак може да се излезе само со вонредни парламентарни избори, додава Велјаноски.

Претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, без коментар за денес одржаната средба. Потенцира дека подготовките за претстојните локални избори се во тек, а во однос на најавите на СДСМ дека нема да учествува на изборите доколку истовремено не се одржат и предвремени парламентарни избори, со коментар:

– Не е само СДСМ, има и други опозициски партии, сепак очекуваме дека сите политички партии ќе учествуваат на изборите затоа што пред се, тоа е во интерес на Македонија, изјави Михаилов.

Т. К.