Еврокомесарот Јоханес Хан не се обратил директно со писмо до четворицата лидери во Македонија за да побара обновување на преговорите. Но, во негово име, пораките им ги пренел евроамбасадорот Аиво Орав, потврдуваат за „Телма“ дипломатски извори. Изминатиот викенд, медиумите пренесоа дека Хан побарал дијалог, пречистен Избирачки список, реформа на медиумите и се што е потребно за да се обезбеди учество на сите партии на изборите. Денеска,портпаролката Коцијанчиќ само формално одговори дека Хан не испратил писмен допис, но избегна детали.
-Не постои писмо и затоа не можам да соопштам никаква содржина за тоа, бидејќи не постои. Но тоа што постои се елементите, кои детално беа наведени во изјавата која беше објавена пред неколку дена. Тоа останува како наша позиција и наш пристап, изјави портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.
Последното писмо на комесарот Хан и на тројцата европратеници Ховит, Кукан и Вајгл датира од 21 април. Во него е побарано итно решавање на сите прашања што го оневозможуваат владеењето на правото, мислејќи пред се на помилувањето што го објави претседателот Иванов и на организирање избори што би биле признаени од Меѓународната заедница. Ховит даде дообјаснување преку Твитер: напиша дека токму аболицијата и откажувањето на средбата во Виена го загрозуваат одржувањето кредибилни избори.
-Постојано кажувавме дека неуспехот на Договорот од Пржино ќе има сериозни последици за земјата. Длабоко жалиме за секој ретрограден чекор од Скопје кој би ја оддалечил земјата уште повеќе од нејзините аспирации за асоцијација на Европската унија. Бидејќи нема напредок, сега сме принудени да размислуваме за натамошни чекори за исполнување на барањата кои беа поставени од Советот на Еу, Европската комисија и Европскиот парламент, се вели во соопштението на Хан, Ховит, Вајлг и Кукан од 21 април.
Официјално, Брисел се уште не ги соопштил своите наредни чекори. Веројатно му дава шанса на политичкиот процес и преку амбасадорот Орав потсетува на преземените обврски. Домашната политичка елита денеска одлучи да молчи, па нема информација дали нешто се движи на политичката сцена или партиите сеуште не се подготвени да почнат да бараат компромис. Ако европските пораки допираат до нив, уште оваа недела треба да има преговори. Најубаво, на лидерско ниво.
OhridNews
Извор:„Телма“