Организираат големи концерти со неколку илјади публика, остваруваат значајни профити, а ја избегнуваат законската обврска-дел од профитот да го уплатат на сметката на Црвен крст, односно за помош на ранливите категории граѓани.

Овој проблем се провлекува години наназад, информира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков. Истите организатори, иако во јавноста се многу добро познати како едни од најуспешните продукции со децении работен стаж, настаните во Охриди ги организираат преку друга регистрирана фирма која по одржувањето на концертите се затвора, па така не може да се преземат било какви законски санкции, затоа што фирмата што организирала, повеќе не постои.

  • Излегуваат помпезно на медиуми, но нивните обврски кон социјално ранливата категорија граѓани не ги исполнуваат. Иако законодавецот преку Законот за Црвен крст кој датира од 1995 година изнашол начин за непречено функционирање на Црвениот крст, ние сме постојано принудени да организираме хуманитарни акции, да ги оптеретуваме граѓаните со цел да обезбедиме средства за оние граѓани кои се на работ на егзистенција, вели Точков.

Тој ги повикува инспекциските служби да се ангажираат и преземат мерки, за бројот на ваквите случаи  на злоупотреба на законот, е што помал.

  • Доколку би се почитувале законските обврски, тогаш ние како организација би биле покомотни да им излеземе во пресрет на сите граѓани кои постојано се обраќаат кај нас барајќи помош, вели Точков.

Има и позитивни случаи, иако многу малку, како што се организаторите на концертот на Северина што летово се одржа во Охрид, кои навреме ги уплатиле средствата на сметката на Црвен крст.

Инаку, според член 27 од Законот за Црвен крст, во корист на организацијата се плаќаат 3% од сeкоја влезницата за културно-забавни манифестации, (концерти и фестивали) од локален, државен и меѓународен карактер, клубови (диско, барови и казино), циркуски и акробатски претстави и саемски (државен и меѓународни) манифестации, за кои се наплатува влезница, освен за театарски претстави, изложби на слики, скулптури и други претстави и приредби, што ги организираат ученици и студенти во кругот на училиштата и факултетите; 3% на секоја изнајмена видеокасета и носачи на звук; 3% на секоја влезница за спортски натпревари и 0,5% од регистрацијата на моторни возила.

Т.К.