Дел од кровна контрукција во зграда на улица „Галичица“ откорната од силниот ветер завршила на улицата на самиот паркинг пред зградата. Се слушнал силен тресок, а од силниот ветер се осетило и тресење на прозорците, велат жителите од соседната зграда. За среќа во моментот кога делот од кровната контрукција паднал долу немало никој од граѓаните кои тука живеат или некој случаен минувач.
Оштетен е само еден автомобил кој бил паркиран пред зградата. Според станарите од соседната зграда и дел од кровната конструкција на другата зграда е разнишан и постои опаснот и тој да падне.
Велат кровните конструкции се заменети пред околу десетина година, поставени се нови со оглед дека станува збор за стари градби кои претходно биле со рамен кров и било потребно да се санираат.
На улица „Ристо Чадо“, над оранжериите, пак, од силниот ветер падна бандера.
Ветрот предизвика штети и на дрвјата низ градот. На повеќе места можат да се забележат скршени гранки.
Од Центарот за управување со кризи за OhridNews велат дека досега имало само една дојава за паднат кров од зграда, за што ќе бидат преземени соодветни мерки.
Н.С.Ј.















