Застапникот на оштетените семејства кои не присуствуваа на изрекувањето на пресудата  за несреќата што минатиот септември се случи на плажата Галеб во комплексот  Пливалиште во Струга, не е уверен дека обвинетите во случајот се единствените виновници за смртта на стружаните Јосиф Докоски, Кире Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиески кои настрадаа од струен удар на летен шанк кој работел незаконски. За сторено кривично дело-Предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето, Основниот суд во Струга, вчера, на првообвинетиот Цвете Вранишкоски  му изрече казна затвор од 4 години. Второ обвинетиот Климе Миладиноски доби казна затвор од 3 години, а  трето обвинетиот Гоце Јанески е осуден на казна затвор од 3 години и 4 месеци. Застапникот на оштетените, Љубиша Мукоски не ја коемнтираше висината на казната, но смета дека одговорност за инцидентот треба да сносат и надлежните државни и локални институции, најавувајќи дека тоа  ќе биде предмет на друга постапка.

– Има објективна одговорност на институциите, но  има и субјективна одговорност во однос на лица кои работеле во институциите.-изјави Мукоски.


И одбраната на обвинетите смета дека тие не се единствените виновници за трагедијата и дека не е утврдена правата вистина за настанот.

– Обвинетите кои се огласени за виновни во структурата на одговорност сносат само еден дел, лично сметам дека е тоа помал дел во однос на државните и локални органи и други поединци кои што беа спомнати во текот на доказната постапка. За жал ниту судот ниту обвинителството имаше доблест  правилно и целосно да се заложи и да го расветли овој случај.-изјави адвокатот Димнитрија Цобоски.

Неговиот колега Воислав Димоски смета дека прeсудата е донесена без материјални докази.

– Во предметот нема ниту еден материјален доказ освен една жица за која не знаеме кој ја обезбедил како доказ.  Каде е  платформата на која што се случил кривично правниот настан? – запраша Димоски.


Адвокатите на одбраната најавија дека ќе ја обжалат пресудата. До нејзина правосилност Судот на обвинетите им  ја укина мерката домашен притвор.

OhridNews