– Тука сме да им укажеме на луѓето дека ја имаат поддршката од владата и дека нема да бидат сами во оваа ситуација. Комисија формирана од општината ќе направи проценка на штетите, а владата ќе помогне како и досега што помагала во вакви ситуации на елементарни непогоди. Ќе им помогнеме да ги обноват домовите, да можат да се вратат и да се чуствуваат безбедно и да продолжат нормално да живеат, рече Ставрески.
Градоначалникот на општина Дебрца, Љупчо Којчиноски информира дека освен во селото Белчишта, оштетени објекти од земјотресот има и во селата Велмеј, Лешани, Злести, Слатино. Којчиноски потенцира дека веќе во понеделник е закажано оддржување на седница на совет, кој ќе ја формира комисијата која ќе врши проценки на штетите.
– Досега се пријавени 20-ина куќи од Белчишта, од кои три се наоѓаат во катастрофална состојба и во нив не може да се живее. Од другите населени места уште немаат доставено пријави, изјави Којчиноски.
По формирањето на комисијата во понеделник се очекува таа веднаш да излезе на терен и започне со проценките на настанатиите штети од земјотресот.