Откако општинската комисија ги отфрлила понудените идејни решенија на надворешни архитекти за реконструкција на охридскиот кеј, затоа што тие биле мегаломански со масивни платформи во вода , сега идејниот проект го изработуваат општинските стручни служби, информираат од локалната самоуправа .
– При изработката на проектот посебно се внимава да не се нарушува природниот еко систем на Охридското Езеро. Со охридскиот кеј не смее да се експериментира и истиот мора да ги задоволува стандардите и барањата на експертите. Во овој момент можам да кажам дека се уште во тек е изработката на идејниот и основниот проект и после негово завршување од што ќе произлезе и цената на таквото идејно решение ќе излеземе со конкретни податоци за тоа кога ќе пристапиме кон градежни активности за реконструкција на охридскиот кеј, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Од локалната самоуправа додаваат дека последните направени детални анализи на стручните лица покажале дека постои опасност од поголеми оштетувања на кејот поради што е неопходна реконструкцијата.
– Се покажа дека статиката на кејот е доста нарушена изминативе години и дека на делови доаѓа до попуштање и има значителни оштетувања, кои што во иднина би претставувале и опасност за минувачите, објаснува градоначалникот Бакрачески.
Според записите на охридските хроничари, дел од градскиот кеј е изграден во 1928 година, а низ годините полека се доградувал се до 1941 година кога бил и хортикултурно уреден. Охридското шеталиште својот лик го добил во 50-тите години кога бил целосно изграден .Кејот до сега во неколку наврати е саниран на места каде што се појавиле оштетувања.
OhridNews