Од утре околу 400.000 осигуреници на Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе им биде олеснет начинот на добивање лек на товар на Фондот. Еден дел од нив ќе може да ги подигнат лековите со пониски цени, ќе има поголем избор лекови, а ќе биде проширени и индикационите подрачја за лековите кои може да се препишат.
Првата измена се однесува за 13 нови генерики кои се без доплата, а кои се исклучително битни за пациенти со трансплантирани органи, антидепресиви, антиепилептици и антипаркинсоници.
-Заради збогатување на пазарот со нови лекови тие автоматски ги вклучивме во позитивната листа и се овозможи намалени цени на лековите на позитивната листа, повторно тие се без доплата што значи двојна заштеда и за буџетот на осигурениците и за буџетот на Фондот, информираат од ФЗОМ.
Оттаму појаснуваат дека втората измена се однесува на 20 нови заштитени имиња кои ги вклучиле во позитивната листа за веќе постојни генерики или за постојни болести, што значи поголем избор лекови за желудник, намалување масти во крв, антибиотици за Алхајмерова болест, астма, ХОББ, карцином, болки и зголемена телесна температура.
Третата група измени на позитивната листа, се однесува на режимот на пропишување, со што 29 генерики отсега па натаму покрај постојните специјалисти ќе може да ги пропишуваат и болнички педијатри, интернисти, хематолози и пулмоалерголози.
-Два многу битни антибиотици: оспен и цефалексин од сега па натаму без никакви ограничувања во делот на медицинските индикации може да се пропишуваат од страна на матичните лекари што не беше случај досега, а шест генерики ќе може да се пропишуваат за нови дополнителни болести кои досега не биле на товар на Фондот, како на пример за цистична фиброза, и алажил синдром ќе може да се препишува урсофалк или збогатување на палетата на лекови за избор за генитоуринарни, одонтогени (стоматолошки) инфекции, како и лекови за крварење во рана бременост, појаснуваат од ФЗОМ.
Се очекува со овие новини заштедите за осигурениците да бидат 200.000 денари годишно, а Фондот за лекови годишно ќе може да пренамени два милиони денари.
OhridNews