Како што изјавија за OhridNews адвокатите на ослободените, Oбвинителството се откажа од понатамошно кривично гонење на Јане Шокароски, Петар Шенгулоски, Борче Чулукоски и Јован Ѓорески, сите од охридско, бидејќи нема докази дека тие биле инволвирани во инцидентот кој заврши со трагични последици. Четворицата синоќа го напуштиле истражниот затвор во Скопје, каде беа во притвор 76 дена. Во притвор остануваат уште тројца охриѓани, а едно лице, српски државјанин, за кое постои основано сомнение дека било вмешано во инцидентот, се уште е недостапно за органите на прогонот и по него е распишана меѓународна потерница.
Адвокатите на одбраната се задоволни од одлуката за ослободување на дел од притворените за кои се тврдеше дека не биле учесници во немилиот настан. Одбраната очекува и промена на обвинението за преостанатите притворени, кои се товарат за кривично дело „сурово убиство“.
На 27-ми август по претходна расправија во кабаре, 34-годишниот српски државјанин Дејан Новаковиќ беше убиен во тепачка во центарот на Охрид во која според истрагата учествувале десетина лица. Веднаш по инцидентот беа уапсени седум лица од Охрид, а по два и пол месечен притвор четворица од нив се ослободени од понатамошно кривично гонење.