Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид е провокација која оди на штета на бугарската заедница во државава.
Правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука сметам дека е провокација. Дури ќе одам и подалеку, мислам дека е на штета на интересите на бугарската заедница во државава, рече денеска министерот Османи на новинарско прашање на редовниот брифинг со новинарите.
Дали тоа некој го прави свесно или несвесно не можам да кажам, додаде Османи, додавајќи дека ова оди на штета и тоа во момент кога бугарската заедница добива можност повеќе да се здружува, да ја изразува својата посебност. Кој тоа им го руши имиџот и овде пред граѓаните и пред меѓународната заедница не можам да кажам, но сметам дека не е во интерес на бугарската заедница од Македонија, вели Османи.
Полицијата делуваше превентивно и не дозволи ескалација на ситуацијата за потоа да нема некои злоупотреби од настанот, евентуалните инциденти да бидат искористени против државата дали во Европската Унија или пошироко. Но, мораме да бидеме внимателни бидејќи ќе има злонамерници коишто ќе сакаат на државата да и направат штета и да се обидат да го искористат овој случај за навреда на бугарската заедница, за евентуални инциденти и навреди кон Бугарската држава. Тоа нас не ни треба. Нас ни треба мудра политика и јасно искажување на ставовите и незадоволството по однос на тоа што се случува, додаде Османи.
За изјавите на неговиот бугарски колега Митов во однос на отворањето на клубот во Охрид, Османи рече дека тоа е недозволиво мешање во внатрешните прашања на Република Северна Македонија. Се надевал дека тоа ќе му го кажел во Прага каде се одржа првиот состанок на Европската политичка заеница, но поради сплет на околности не се виделе, а ставот, најави дека ќе му го пренесе на претстојната средба во Берлин на 21 октомври.
Шефот на дипломатијата во однос на превенирање на регистрирањето вакви здруженија со имиња кои провоцираат, вели дека МНР нема никаква надлежност туку дека тоа е во доменот на Министерството за правда кое веќе има формирано советодавно тело кое ќе ги разгледува имињата на клубови и здруженија кои ќе се регистрираат во земјава, а што е времено решение додека не се направат измени на Законот за здруженија. Тој посочи дека ова е чувствително прашање и укажа на искуството со здружението „Ратко“ кое пред повеќе години беше забрането, а судот во Стразбур ја поништи одлуката на нашиот Суд дека без основа било забрането тоа име на организацијата.
Затоа мора да бидеме внимателни тука и во рамки на нашите закони, и во меѓународните правила, но во Владата се отвора дебата во однос на ова прашање. Јас мислам дека навистина треба да се разговара и со граѓаните со бугарско етничко потекло во Република Северна Македонија што е целта на изборот на таквите имиња, бидејќи ќе повторам, тоа е, пред се, на штета на бугарката заедница, подвлече Османи.
Тој изјави дека од бугарското МНР досега нема никакви реакции за случувањата во Охрид. МНР, рече, не добило покана за присутво на отворањето на клубот во Охрид, а и да добило немало да присуствуваат.
OhridNews













