Под насловот „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“ платформата за одржлив развој „Лице в лице“ утре во Струга во просториите на Europe House во Струга ќе одржи настан на кој ќе ги поврзе зборот, уметноста и граѓанската одговорност.
Наместо класична конференција, настанот е замислен како жив простор за дијалог и место каде секој присутен може да зборува, да слуша и да размислува за тоа што значи интегритет во политиката, но и во секојдневниот живот, велат организаторите.
Настанот ќе започне во 13 часот, со дискусија за личните искуства, општествените предизвици и прашањата: како да изградиме поодговорно општество и каква улога имаат младите во таа промена.
По дискусијата, просторот ќе се трансформира во уметничка галерија. Ќе биде отворена изложба на 15-те највисоко оценети дела пристигнати на повикот за млади креативци со истиот наслов, вклучително со победничките решенија.
Изложбата се состои од визуелни сведоштва за тоа како младата генерација ја доживува корупцијата, неправдата, привилегиите и потребата за промена. На повикот, кој траеше од 21 ноември 2025 до 12 јануари 2026 година, пристигна 31 дело. Секое од нив раскажува различна приказна за заплетканите „лавиринти“ на моќта, за чувството дека напредокот зависи од врски, а не од знаење, за општеството што гледа, но често одбива да види, за генерацијата што е уморна од празни ветувања, но, и за потребата од запирање на штетните практики во јавната сфера.
Меѓу наградените, посочуваат, се млади авторки од Скопје, Куманово и Македонска Каменица, чии дела на различни начини ја отсликуваат истата порака: интегритетот не е апстрактен поим, туку нешто што директно влијае врз секојдневниот живот. Изложбата ќе биде поставена во EU House во Струга до крајот на оваа недела.
Активностите се имплементираат во рамките на проектот „Лице в лице со интегритетот – Мобилизирање на граѓаните и медиумите за политички интегритет во Северна Македонија“, кој се спроведува со финансиска поддршка од Европската унија и е подгрант на „Integrity Watch in the Western Balkans and Turkey: Civil society combating corruption with political integrity data“.
OhridNews















