По иницијатива на Уставниот суд на Република Северна Македонија и уставните судови на Србија и Босна и Херцеговина, се формира Охридски форум за дијалог за поголема доверба во уставното судство. Станува збор за платформа за регионална соработка, размена на искуства и унапредување на принципите на независност, транспарентност и ефикасност на уставните судови.

Она што секој суд може да го направи заради јакнење на сопствената независност и намалување на политичките влијанија врз неговата работа, посочуваат, е зајакнување на личниот интегритет на судиите, а преку него и на институционалниот интегритет на Судот во целина.
Во поглед на ефикасноста во работата на уставните судови, таа подразбира навремено постапување, почитување на утврдените рокови и избегнување неоправдано одолговлекување на постапките, седниците и нивното траење.
Имајќи го предвид значењето на трите клучни принципи од кои зависи јакнењето на довербата на граѓаните во уставните судови, Охридскиот дијалог, потенцираат, ја препознава потребата од воспоставување заедничка рамка за нивна доследна примена.
Охридскиот форум предлага и склучување Меморандум за зголемување на довербата во уставните судови, со кој би се утврдиле стандарди за транспарентност, заеднички показатели и методологија за следење на јавната доверба во секој од судовите, периодична заедничка анализа на резултатите, како и регионално поврзување и унапредување на базите на уставносудската практика.
Основањето на Охридскиот форум за дијалог за зголемување на довербата во уставните судови е резултат на плодната дискусија во рамките на регионалната конференција која се одржа во Охрид, во организација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).
OhridNews










