Основниот суд во Охрид донесе времена мерка, со која им се наложува на членови на сенатот на УИНТ „Свети Апостол Павле“, да и ги предадат клучевите и официјалните печати на институцијата на ректорската управа и да и овозможат непречен пристап и функционирање на истатата. Ваквата одлука на судот следи откако Државниот просветен инспекторат, поради утврдени пропусти, донесе решение со кое се поништува седницата на сенатот одржана на 12 март, на која беше разрешен ректорот Нинослав Марина, како и проректорите на универзитетот. Исто така се поништуваат и одлуките на сенатот донесени на истата седница за назначување времена управа на универзитетот.
Од Сенатот велат дека ќе ги почитуваат одлуките на судот и надлежниот инспекторат, но истовремено бараат, да се спроведе целосна истрага за околностите под кои е извршено назначувањето на ректорот на УИНТ Охрид.
-Ректорот извршувал функција 20-на дена како доцент професор. Го повикувам јавниот обвинител кому ќе ја предадеме целокупната документација да го испита случајот и се што се кажа деновиве и да поднесе кривична пријава за донесување во заблуда на членовите на сенатот од страна на Нинослав Марина, а треба да се испита и работата на универзитетот во Штип.-изјави Рубин Земон, член на сенатот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Рубин Земон
Членовите на сенатот тврдат дека во текот на вчерашниот ден имало обид за изнесување документација и опрема од универзитетот, при што имало жестоки расправии и вербални закани кон странски професори, а инцидентите ги регистрирала и охридската полиција.
-Чувствувам дека некој игра валкана игра во која некој сака да ја вовлече и полицијата, која се однесува коректно. Ова нема врска со полицијата, ова се академски работи. Срамота е да се случуваат вакви работи во еден универзитет, изјави Проф. д-р Илан Садех

Илан Садех
Ректорската управа официјално не ги коментира последните случувања на универзитетот, кои таа во соопштението кое го испрати пред два дена ги окфалификува како обид за насилен упад, а не се огласија ниту надлежните институции.












