Пресудата во судскиот процес зa потонувањето на бродот „Илинден“, ќе биде објавена денеска во Основниот суд во Охрид. За  најголемата несреќа во водниот сообраќај што некогаш се случила во Македонија, обвинети се капетанот на бродот Сотир Филески и Бранко Баиќ, овластен претставник на германски „Лојд“, кому му се суди во отсуство. Двајцата се товарат за предизвикување тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

На завршното рочиште, во четвртокот,  одбраната на капетанот Сотир Филески побара судот при донесувањето на пресудата да не се води од сентименталниот момент односно бројот на жртвите во несреќата, туку акцентот да се стави на законските одредби предвидени за вакви случаи, според кои капетанот на бродот нема одговорност за настанатата несреќа, бидејќи согласно издадените сертификати, техничките прегледи и документацијата за пловидба, бродот „Илинден“ бил исправен и немало никакви ограничувања на бројот и распоредот на патниците во пловниот објект.

Во завршниот збор пред судот, прво обвинетиот Сотир Филески уште еднаш искажа длабоко жалење за трагедијата. Тој изрази сочувство кон семејствата на загинатите бугарски туристи и рече дека не се чувствува виновен.

Според одбраната на второ обвинетиот, Бранко Баиќ, судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ наликува на недовршена приказна, бидејќи и покрај изведените 90-на докази, сеуште не се потврдени наводите во обвинението. Според адвокатите Баиќ не е виновен за катастрофалната несреќа и треба да биде ослободен од обвинението.

Јавниот обвинител смета оти од доказната постапка е утврдено дека обвинетите се одговорни за делото за кое се товарат и побара да им се изрече казна согласно законот.

Претставниците на оштетените сметаат дека е потребно да се утврди одговорноста на државните институции во случајот и  побараа судот при носење на пресудата да го има предвид хуманото однесување на капетанот Филески и да му изрече алтернативна, а не ефективна законска мерка.

Бродот Илинден потона на 5 септември 2009 година во близина на авто-кампот Елешец, при што загинаа 15 туристи од Бугарија.

OhridNews