Основците од Кичево го освоиле првото место во екипна конкуренција на Регионалниот натпревар „Детски семафор“ кој се одржуваше вчера во Охрид. Второпласирана била охридската екипа, а третото место го освоиле учениците од Дебар.
Во поединечна конкуренција, кај машките првопласиран бил Наум Шибакоски од Охрид. Второто место му припаднало на Андреј Паскали од Охрид, а третото место го освоил Драган Богданоски од Кичево. Во женската конкуренција , првото место го освоила Ангела Стојкоска од Кичево, второто место и припаднало на Мелда Карпузи од Дебар, а на третата позиција се пласирала Моника Јованоска од Кичево.
Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на Општина Охрид, кој беше домаќин на регионалниот натпревар обезбедил вредни награди за најдобрите учесници во поединечна конкуренција и пригодни подароци за сите учесници. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, најдобрите екипи ги наградил со пехари и признанија, а им доделил дипломи на сите учесници на натпреварот.
-Натпреварувањата беа поделени во два дела. Во теоретскиот дел, учениците се натпреваруваа во познавање на сообраќајните правила, прописи и знаци со решавање на тестови, додека во практичниот дел од натпреварот се натпреваруваа во вешто возење со велосипед на посебно подготвен полигон, велат од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на Општина Охрид.
Оттаму објснуваат дека според постигнатите резултати во екипен пласман, екипата од Кичево ќе го претставува Југозападниот регион на Републичкиот натпревар „Детски семафор, што ќе се одржи на 19-ти мај во Скопје.