Учениците од основното училиште „Братство и единство“ попладнево ги пречекаа своите врсници Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и Египќани од цела Македонија кои со автобус пристигнаа во Охрид. Посетата на основците е во рамки на Мултиетничкиот караван „ Мултикултурен автобус“.

По повод пристигнувањето на учениците од другите градови, учениците од ОУ „Братство и единство“ подготвија свечена програма, а нивното дружење продолжи во хотелот „Метропол“. Утре, охридските ученици заедно со останатите ќе заминат во Крушево.

– Учениците кои допатуваа денеска со „Мултукултурниот автобус“ заедно со ученици од нашето училиште утре ќе заминат за Крушево. Таму ќе не пречекаат ученици од Крушево, ќе има дружење,а пред се запознавање на културите и јазиците, истакна Борис Лушески, професор по математика во основното училиште „Братство-Единство“.

Проектот мултиетничкиот караван „Мултикултурен автобус“ е поддржан од министерството за образование и амбасадата на Норвешка во Македонија.

OhridNews