Дел од осмооделенците ОУ Ванчо Николески Лескоец крајот на учебната година го означија со искачување на планината Галичица. Тие заедно со своите наставници по ФЗО и педагошката служба од училиштето, се искачија до местото наречено Седло, кое се наоѓа на 1860 метри надморска висина на планината Галичица.

Ова место е во близина на Бугарска Чука  и до него се стигнува низ шумски патеки и букова шума . Следејќи ги инструкциите и советите од нивните наставници, сите ученици успејаа да стигнат до врвот, што беше голем успех.

Искачувањето траеше 4 и пол часа, но учениците беа задоволни од неповторливиот поглед на двете езера истовремено. Глетката беше воодушевувачка за сите, како да застанало времето за езерата, кои мирно распослани од двете страни на Галичица сведочеа за неуништливото совршенството на природата.

– Од ниедно друго место на Галичица Охридското и Преспанското езеро не можат да се видат толку убаво и совршено како од Седло – вели Крсте Чалоски , наставник по ФЗО во ОУ Ванчо Николески.

Овие планинарски тури што почесто се практикуваат во ова училиште, имаат за цел да се развива спортскиот дух кај децата, да се поттикнува здравиот начин на живот и спортување во природа, како и учениците да се запознаат убавините на Галичица.