Основците од училиштата “Св. Климент Охридски” и “Св. Наум Охридски” од Пештани имаа можност преку активности, со  игра и забава да научат неколку податоци за трите животни рисот, мечката и волкот  кои живеат во Националниот парк “Галичица”. 


Во просториите на новиот Центар за посетители, учениците учествуваа во квиз преку кој ги проверија и проширија своите знаења за рисот, мечката и волкот, за нивните основни особини, начин на исхрана, однесување, живеалишта и потребата од нивна заштита. Активностите беа предводени од стручни лица во установата во соработка со наставници од двете училишта и под менторство на искусни експерти за еколошка едукација од Холандија, кои волонтерски и помагаат на Јавната установа, на полето на еколошка едукација.

Слични активности неодамна беа спроведени  и на преспанската страна на паркот каде, на 17-ти октомври 2011 година учествуваа ученици од основните училишта “Гоце Делчев” од Ресен и од “Мите Богоевски” од село Царев Двор.

Активностите се во рамки на одбележувањето на 25 октомври, Ден на Национален парк “Галичица”.

OhridNews