Осомничениот за двојното убиство, што синоќа се случи во Вевчани, денеска е изведен пред јавен обвинител, а против него полицијата поднесе соодветна кривична пријава.
-Она што можам да го потврдам дека осомничениот имал одредени недоразбирања со еден од убиените.-изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.
Оружениот инцидент се случи синоќа околу 21.30 часот на летната тераса од кафетеријата „Пјаца“ во центарот на Вевчани. 56-годишниот жител на селото Здравко Србакоски, само што пристигнал на терасата, неочекувано извадил пиштол и испукал седум куршуми кон присутните на една од масите. Притоа им нанел смртни повреди на Владо Попески (43) сопственик на угостителскиот објект и татко на три малолетни деца, и на Мате Ѓурчески (23), и двајцата од Вевчани. Тие се здобиле со прострелни рани во градите. Едниот починал на самото место, а другиот на пат кон болница.
Во инцидентот ранети се Горан К. и Илија П., исто така од Вевчани, кои се хоспитализирани во општата болница во Струга и специјалната болница Св. Еразмо.
-Едниот е во стабилна состојба, има прострелна рана во абдомен но не е пенетрална. Другиот повреден е во Коснозглобна со фрактура на левата подлактица и масивно крваврење, но како што сум информиран е во добра состојба.– истакна Д-р Речи Илми од општата болница во Струга.
Осомничениот оружјето со кое го извршил убиството го поседувал со дозвола издадена уште во 1986 година.
-Веднаш по овој настан ова лице го напуштило угостителскиот објект и е пронајдено во неговиот дом, каде е пронајдено и оружјето, пиштол марка „Црвена Застава“ 7.65 мм, со кое имаме основи на сомнение дека е извршено кривично дело „Убиство“.-изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Жителите на Вевчани видно потресени од немилиот настан рекоа дека никогаш нешто слично не се случило во селото, посочувајќи дека осомничениот за убиството, имал проблематично однсување.
OhridNews