Поразот од Работнички со 2-0 ги сведе на теорија шансите за опстанок на охридските бели. На две рунди пред крајот “рибарите“ заостануваат пет бода за Тетекс и само чудо може да ги спаси од испаѓање.

Тим на Работнички ја потврди фаворитската улога, одигра повеќе од рутниски меч, во кој беше јасно дека домаќините неможат да му се спротистават на објективно подобриот противник.

Долго се чекаше на првиот погодок, кој падна во финишот на првиот дел. Црвените имаа иницијатива, но не и некоја посериозна прилика се до таа 34 минута кога Ангелов ја “измеша“ охридската одбрана, одигра повратна за Деспотовски кој од работ на казнетиот простор со удар по земја го совлада младиот Јанчески.

Домаќините со удари од далечина се обидуваа да го загрозат голот на Кандикјан. Во тие обиди предничеше Клечкароски кој во неколку наврати не успеа да ја оствари својата цел.

Сликата битно не се промена во вториот дел. “Романтичарите“ ја контролираа играта и преку К.Велковски имаа изгледни прилики за зголемување на предноста. Она што не му успеа на напаѓачите му појде од рака на дефанзивецот Живковиќ кој искористи еден центаршут на Д.Велковски и го стави мечот надвор од дофат за охриѓани.

Во последниот пол час мрежите мирува, охриѓани помирени со поразот, кој доста веројатно значи чекор назад, чека што побрзо да заврши мечот и ова прволигашко измачување.

Во наредното коло, Охрид гостува кај Силекс.

М.П.