Наредбата за забрана на откупот на остатоци од метали останува на сила, бидејќи Владата мора да ги заштити сите интереси, пред сé јавниот интерес, но ќе ги разгледа забeлешките на Комората, истакна министерот за животна срединаа Абдилаќим Адеми по средбата со  претставниците на откупувачите на метали, што се одржа вчера.

На средбата, откупувачите излегоа со предлози за прекинување на забраната, за зајакнување на контролите, а при товар на камионите за извоз да има претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Сметам дека со координација на државните институции, коморите и отпадите можеме да придонесеме ваквите појави да не се присутни, или, ако не можеме да ги искорениме. барем да ги намалиме“, рече Адеми.

Државата, додаде Адеми, се обидела со разни измени и дополнувања на Законот да воведе систем за пријавување и за намалување на кражбите на железо, но одговорните служби  не наишле на соработка од страна на операторите. Така, како одговор на таквата состојба, мораше да се воведе забрана, појасни министерот за животна средина.

Тргувањето со материјали кои се од јавен интерес е кривично дело казниво од три до десет години затвор.

Адеми ова го илустрираше со примерот на неколку јавни комунални претпријатија во државата коишто претрпеле материјални штети во 2011, како и во почетокот на годинава.

„Во Дебар се украдени вакви предмети од 700 објекти, во Битола 300, во Скопје 250, во Радовиш 74, во Струга и Гостивар по 90, во Кочани 65, во Прилеп 40… Македонски железници во овој период од украдените предмети претрпеле штета од околу 460 илјади денари“, посочи Адеми.

Претставникот од Асоцијацијата, Владо Момироски, изјави дека пред министерот ги искажале штетните последици што ќе бидат предизвикани од наредбата во периодот од шест месеци и оти тој им ветил дека забелешките ќе бидат пренесени на следната владина седница.

„Ако не работиме. дел од кражбите ќе се зголемат. Сите оние со кои соработуваме ќе може на друго поле да вршат кражби и штетите ќе бидат уште поголеми“, рече Момироски.

OhridNews