„Струшките вечери на поезијата се една од најстарите поетски манифестации во светот, која годинава го славеше својот педесетгодишен јубилеј, под покровителство на УНЕСКО. Присутни беа над 300 учесници и гости од пет континенти.
Струга е синоним за зближување на народите и поетите, на традициите и јазиците, сочинувајќи големо братсво на творци во нивните хумани мисии за подобар свет. Десетици и десетици поети од светот се преведени на македонски јазик, со што е сочувано достоинството на нивните идеи и пораки. Но и обратно, поетските вибрации на македонскиот јазик се присутни во светот преку бројни преведени дела од македонски автори, особено песната „Тжга за југ“ од Константин Миладинов. Таа е преведена на јазиците на стотина земји од светот.
Поезијата на венцоносците: Неруда, Монтале, Алберти, Енцензбергер, Рицос, Вознесенски, Гинзберг, Бродски, Тед Хјуз, Хини, Махмуд Дарвиш и др. вклучувајќи го и годинашниов нобеловец Томас Транстромер, преведена е на македонски јазик, а достоинствата на нивните творци веќе се неодвоив дел од нашата култура.
Речено е дека за поетот јазикот е неговата татковина. Македонскиот јазик е нашата татковина. Управниот одбор и дирекцијата на Струшките вечери на поезијата го осудуваат несфатливиот и неприфатливиот чин на негово негирање.“ – стои во соопштението што Управниот одбор наСВП му го испрати на еврокомесарот Филе.
Покрај раководството на Струшките вечери на поезијата, писма со незадоволство поради негирање на македонскиот идентитет во извештајот на Европската комисија вчера испратија и Фудбалската, Кошаркарската и Ракометната федерација на Македонија.