Европската унија најави санкции за инволвираните, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот за признавање независност на т.н. Доњецка и Луганска народна република
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Фредерика Фон дер Лајен најостро ја осудуваат одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со признавањето на областите Доњецк и Луганск, кои не се контролирани од властите во Украина, како независни ентитети.
Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорите од Минск. – се истакнува во заедничкото соопштение од Мишел и Фон дер Лајен. Унијата ќе реагира со санкции против инволвираните во овој незаконски чин. – најавија ЕУ дипломатите.

НАТО со остра осуда за потегот на Кремљ
Ја осудувам одлуката на Русија да го прошири признавањето на самопрогласените „Доњецка народна република“ и „Луганска Народна република“, изјави вечерва генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Ова дополнително го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, ги еродира напорите за решавање на конфликтот и ги прекршува договорите од Минск, во кои Русија е засеганата страна. – истакна Столтенберг.

Во 2015 година, Советот за безбедност на Обединетите нации, во кој членува Русија, го потврди своето целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Доњецк и Луганск се дел од Украина. се наведува во соопштениетп на Столтенберг.
Џонсон: Руското признавање на одметнатите региони е кршење на меѓународното право
Руското признавање на одметничките провинции во источна Украина е јасно кршење на меѓународното право, изјави вечерва британскиот премиер Борис Џонсон.
Владимир Путин штотуку објави дека Русија ги признава одметнатите републики Доњецк и Луганск. Тоа е едноставно кршење на меѓународното право. Тоа е флагрантно кршење на суверенитетот и интегритетот на Украина, рече Џонсон на прес-конференција.

Зеленски разговараше со Бајден и одржа седница на Советот за национална безбедност и одбрана
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден за „настаните од последните неколку часа“ и дека е планиран разговор и со британскиот премиер Борис Џонсон.

Зеленски претходно разговараше и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Белата куќа најави санкции за руско-украинската криза
Американскиот претседател Џо Бајден ќе издаде извршна наредба со која ќе се забранат инвестиции, трговија и финансирање од американски поединци во Доњецк и Луганск, во источна Украина, соопшти Белата куќа, набргу откако Русија ги призна двете бунтовнички области како независни држави, пренесе ДПА.

Казнените мерки „се одвоени и ќе бидат дополнување на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина“, додаде Псаки, пренесе ДПА.
OhridNews
Извор: МИА











