– Секое манипулирање со езерото е можност за катастрофални последици врз живиот свет, по кој е познато езерото. Не би требало да се дозволуваат нагли осцилирања на водата и нагло испуштање, бидејќи тоа може да предизвика оштетување на еко сиситемот, флората и фауната, особено живиот свет на крајбрежјето што може да доведе и до негово исчезнување, смета проф. Левков.
И министерот за животна средина, Абдилаќим Адеми, потенцира дека честите осцилации на нивото на водата во Охридското езеро може да се погубни за дел од живиот свет.
– Досегашно искуство покажало дека понекогаш доаѓа до покачување на нивото на езерото, некогаш пак до намалување. Од наша страна како министерство се следат ваквите појави и нивото и во дадените случаи соодветно се реагира и преземаат мерки, вели министерот Адеми.
За овој проблем, но и за бројни други прашања од областа на екологијата расправаат учесниците на четвртиот конгрес на екологисти на Македонија, кој започна денес.
Конгресот, го отвори министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, а на него учествуваат над 270 научни работници и гости од државата и од странство (Турција, Норвешка, Швајцарија, Германија, Италија, Грција, Албанија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Косово) со вкупно 183 научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина.
Организатор на конгресот е Македонското еколошко друштво кое воедно ја одбележува 40 годишнината од своето постоење.