Лица осудувани на казна затвор повисока од шест месеци, како и лица кои редовно не ги подмируваат обврските кон државата по основ на данок, во иднина нема да можат да управуваат пловни објекти. Ова се предвидува со измените на Законот за внатрешна пловидба кој е во собраниска процедура.
На оваа тема, меѓу другото, денеска во Охрид разговараа пратеникот во Собранието на Република Македонија Александар Николоски, претставникот на Министертсвото за животна средина и просторно планирање и член на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, Дејан Пановски, и новиот раководител на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски.
-Со овие законски измени се воведуваат нови построги безбедносни стандарди, што значи дека лицата кои поседуваат, односно управуваат пловен објект треба да уживаат углед и потредбни стручни квалификации, со цел да се намали бројот на незгоди во водниот сообраќај, изјави пратеникот Николоски.
Покрај ова, како што најави раководителот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски, во тек е и изработка на стратегија за подобра контрола на водниот сообраќај, која предвидува конкретни мерки за подобрување на безбедноста на Охридското Езеро.
-За жал сведоци бевме во минатото на голем број несреќи со жртви на Охридското Езеро и затоа сметаме дека е потребно да се преземат поголеми превентивни мерки, а се разбира и да се делува конкретно на терен, изјави Устијаноски.
На средбата, се раговарало и за модернизација на градското пристаниште во Охрид, која,како што беше истакнато, ќе се одвива внимателно со цел да не се загрози животната средина.
-Секоја инфраструктурна или безбедносна интервенција на Охридското Езеро, ќе треба да биде изведена согласно прописите за заштита на живиот свет и животната средина, рече претставникот на МЖСПП, Дејан Пановски.
Модернизацијата на пристаништето, поради специфичноста, ќе се одвива подолг период, најавија претставниците на надлежните институции.