83 лица од Охрид, својот дневен оброк го подигнуваат од Народната кујна, која веќе трета година  функционира во рамките на студентскиот дом „Никола Карев“. Лошата економска состојба и немаштијата, ги принудува охриѓани „парчето“ леб да го бараат во институциите.

Дека оваа бројка е прилично висока, потврдуваат и од Центарот за социјална работа од Охрид. Народната кујна, која е во надлежност на оваа установа, храни голем број социјално загрозени семејства. Со еден топол оброк во денот, кој се состои од разновидна храна и продукти, се настојува да им се помогне на најранливата категорија граѓани.

Се изготвува список, во кој се опфатени најзагрозените граѓани кои се корисници на нашите услуги. Тие секојдневно можат да искористат топол оброк во рамките на студентскиот дом „Никола Карев.“ – велат од Центарот за социјална работа.

Тие потенцираат дека континуирано се врши евиденција на овие лица, со цел утврдување дали има уште некој од таканаречената ранлива категорија граѓани на кои им е неопходна помош.  „Оваа услуга може да ја користат лицата, за кои сметаме дека се загрозени. Дел од нашата обврска е редовно проверување, дали на некое вакво лице му се подобрила состојбата, односно дали има нов граѓанин кој спаѓа во таа категорија. Затоа континуирано го ревидираме списокот. Засега нема најави дека бројката на корисници на услуги во народната кујна ќе се зголеми.“ – додаваат од Центарот за социјална работа.

Директорот на Студентскиот дом „Никола Карев“, Марјан Ристески, во чии простории се приготвува и подигнува оброкот, истакнува дека разновидната храна се дели редовно, по однапред утврдено мени во согласност со надлежните институции.

Во државниот студентски дом „Никола Карев“, од мај 2009-тата година функционира Народната кујна. Моментално 83 корисници добиваат по еден оброк дневно, со тоа што во петок им се дава храна за викендот. Времето на подигнување е од 11:15 до 12 часот. Храна која се дели е според однапред утврдено мени во согласност со Министерството за труд и социјална политика. Редовно се дава супа и салата, а во главниот оброк има парче месо и леб.“ – вели Ристески.

Исто така, од општинската организација на Црвениот крст, потенцираат дека во рамките на можностите се обезбедуваат прехранбени пакети за најзагрозената категорија граѓани. „Се трудиме да обезбедиме доволен број прехранбени пакети, кои иако се еднократни, можат да помогнат на нашите сограѓани во овие лоши периоди.“ – истакнуваат од Црвениот крст – Охрид.

Пред неколку денови, членовите на Ротари и Ротаркт клубот од Охрид, обезбедија повеќе од 100 пакети со прехранбени продукти, кои се наменети за социјално загрозените граѓани. За во иднина, се најавуваат уште хумани гестови, со цел да им се помогне на лицата во овие студени зимски денови.

O.T.