Најмалку осум луѓе се повредени во експлозија и пожар кој зафати рафинерија за нафта во јужна Германија. Речиси 2000 луѓе се евакуирани поради големиот пожар.Експлозијата се случила утрината во 5.30 минути во секторот за производство на течен гас и бензин во погонот на компанијата Бајерноил на Дунав. Полицијата информираше дека меѓу повредените има три лица со сериозни повреди кои се префрлени во болница. Наредена е масовна евакуација.

Околу 1800 жители на местата Фобург и Иршинг, кои се наоѓаат на 15 километри од градот Инголштад во германската покраина Баварија, се евекуирани поради безбедносни причини. Полицијата соопшти дека гаснењето на пожарот продолжува и оти постои ризик од нови експлозии. Во операцијата се вклучени околу 200 пожарникари.

Според локалните медиуми експлозијата се почувствувала во радиус од повеќе километри. Снимките на социјалните мрежи покажуваат како пламен се крева во височина од рафинеријата.

Властите препорачаа во круг од 20 километри да не се отвораат прозорците поради густиот чад.

Локалната компанија Бајерноил е сопственик на рафинеријата Фобург. Компанијата вработува околу 790 луѓе на две локации во Баварија и произведува горива, меѓу нив бензин и дизел, со капацитет на преработка на сурова нафта од 10,3 милиони тони годишно.

OhridNews

Макфакс