Жители од охридското село Горно Лакочереј се жалат дека повеќе од шест месеци патот до селото, поради започнато поставување на цевки од водовната линија, е раскопан.

Се гушиме во прашина и кал, оневозможено ни е и непречено извршување на секојденвните работни обврски, бидејќи отежнато е и движењето на камиони. Вака е веќе шест месеци и како што изгледа за скоро состојбата нема да се промени, велат дел од жителите на село Горно Лакочереј.


Како што информираат од Секторот за комунален фонд и сообраќај, активностите на патот кон Долно и Горно Лакочереј, освен во зимскиот период кога поради ниските температури биле привремено стопирани, течат според предвидената динамика.

Првично од наша страна беше започнато поставување на фекалната канализација, по што од страна на месната заедница беше побарано да се изврши и поставување на нова водоводна линија. Барањето беше прифатено и по извршените процедури за избор на изведувач започнаа активности за поставување и на цевки од водоводната линија. Во меѓувреме, како општина аплициравме и за добивање на средства од Европската банка за обнова и развој за рехабилитација на овој патен правец, која ќе се врши преку министерството за транспорт и врски и Агенцијата за патишта, вели Емин Селман од Секторот за комунален фонд и сообраќај.


Како што информираат од секторот, поставувањето на фекалната и водоводната мрежа се очекува да заврши во месец октомври, по што ќе следуваат активностите за рехабилитација на патот и негово асфалтирање со нов слој асфалт. 

OhridNews