Светскиот тур оператор TUI  за идната сезона освен гостите од Холандија, на охридското крајбрежје најавува дека ќе летуваат и туристи од Белгија.

Тур операторот  TUI  Холандија во соработка со превозникот Arke Fly  и TUI Белгија и превозникот JetAirFly  ги потпишаа договорите со хотелите во охридско – струшкиот регион за закуп на легла за 2012 година. Првиот чартер лет со гости од Холандија во Охрид се очекува на 27 април, додека првиот чартер лет на TUI Белгија ќе следува  на почетокот на мај.

– Станува збор за еден од најпознатите тур оператори во светот. Половина од туристичките патувања во странство, во Белгија се реализираат токму преку TUI Белгија. Она што е особено значајно за нас е тоа што најголемиот број клиенти на овој тур оператор се добри потрошувачи, односно гости со поголема платежна способност, потенцира Миодраг Лега, директор на Туристичката агенција” Генералтурист”- Охрид, која се јавува како партнер на TUI Белгија и TUI Холандија.

Од ТА “Генералтурист” потенцираат дека интересот на операторот TUI Белгија, Охрид да го внесе во својата туристичка понуда, е резултат на позитивните впечатоци на холандските гости кои во јули и август престојуваа во Охрид преку TUI Холандија.

– Не радува фактот дека  покрај холандските гости, расте интересот и кај гостите од останатите земји за запознавање со убавините на нашата земја. “Генералтурист”  следната година покрај тоа  што ќе преставува сервис за гостите на  TUI  Холандија ќе биде сервис и на гостите кои ќе пристигнат со TUI Белгија- вели менаџерот Ана Чукалевска.

Според најавите, чартер летовите од Холандија и Белгија во Охрид ќе пристигаат два пати неделно, заклучно месец октомври 2012.

OhridNews