Големата посетеност на градот за време на јануарските празници, за момент влеа доза оптимизам кај охридските туристички работници и хотелиери. Враќањето на Србите во градот под Самоиловата тврдина, навестуваше дека овој пат Охрид ќе биде исполнет во текот на целиот месец.

Но недостигот на вистинска развојна стратегија, немањето препознатлива понуда и автентичен туристички производ, ги „спушти“ охриѓани на препознатливото ниво. Потврда за слабата посетеност на градот во првите 20 дена од новата година, даде и претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески.

Јануари и февруари се најслабо посетени месеци во годината. Капацитетите парцијално беа полни за одредени празници како Нова година, Божик и Водици. За разлика од минатата година, нема некоја покрупна разлика.“ – вели Танески.

Хотелиерите со слични размислувања, потенцирајќи дека капацитетите биле полни само за определени празници, без некој значаен континуитет. „За новогодишните празници и Водици, капацитетите беа исполнети. За Василица и Божик немаше заинтересираност од страна на странските и домашните туристи.“ – велат од Хотел Гарден.

Капацитети во приватното сместување, биле речиси исполнети за „најлудата“ ноќ. Бројните странски туристи, ги изненадија дел од туристичките работници. Кревет повеќе се барал од стариот дел на Охрид и централното градско подрачје, па се долж улицата „Јане Сандански“ до Влашка мала.


српските туристи се вратија на ривиерата

Тоа беа само неколку денови околу Новата година. За другите празници, немаше никаква побарувачка иако се надевавме дека ќе издадеме кревет – два. Сепак, Србите позитивно не изненадија кои беа најбројни оваа година. Тие ни влеваат надеж, дека конечно на лето градот ќе биде исполнет повеќе до 20 дена.“ – вели еден туристички работник од градот, во чија куќа оваа година биле сместени неколку фамилии од Србија.

патната инфраструктура недоволно се одржава во зима

Граѓаните покрај лошата патна инфраструктура, сметаат дека немаштијата и високите цени ги бркаат домашните туристи од Охрид. „Градот има огромен потенцијал кој не е доволно искористен. Високите цени, не се примамливи за младите кои порано доаѓаа и по неколку недели. Згора на тоа, ни направија и бројни пропагандни реклами, кои го претставија градот во едно „грдо“ светло.“ – вели еден наш сограѓанин.

викенд становите најголем проблем за охриѓани

Други истакнуваат дека бројните викенд станови, претставуваат нелојална конкуренција во текот на туристичката сезона. „Порано и во зимскиот период, ќе скрпевме некој денар. Сега повеќето имаат свои станови во Охрид, а истите ги издаваат на пријатели за цени кои се неисплатливи за нас. Плаќаме такси, даноци и разни трошоци, па цена од 150 денари за кревет е невозможна.“ – вели револтирано еден туристички работник од градот.

Некои сметаат дека изградбата на ски центар на Галичица, ќе го раздвижи градот во студените зимски денови. Уште пред неколку месеци, идеата отворено ја подржа бизнис заедницата и туристичките работници од Охрид, кои искажаа интерес да се вклучат во реализацијата на овој амбициозен проект.

Во секој случај, одговорните институции треба да поработат на овој комплексен проблем, ако се знае дека голем број семејства од градот живеат токму од туризмот.

О.Т.