Според сознанијата до кои дојде истрагата, пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист во периодот од декември минатата до јули оваа година, неовластено прибавиле уреди за снимање на банкарски податоци-скимери како и банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Со помош на уредите и украдените податоци изработувале лажни платежни картички, со што ги сториле кривични дела – “правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ и “изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Досега е документирано дека пријавените во 19 наврати монтирале „скимер уреди“ на банкомати на домашни банки, лоцирани во повеќе градови во Македонија, меѓу кои Охрид, Скопје, Прилеп, Неготино и Битола, при што прибавиле податоци од 829 платежни картички кои ги употребиле за изработка на фалсификувани платежни картички со кои извршиле вкупно 475 успешни нелегални трансакции во износ од приближно 2 милиони денари и 574 неуспешни нелегални трансакции во износ од над 2 600 000 денари.
Сите оштетени кои биле жртви на оваа група, а за кои досега се поседуваат докази се македонски државјани, а нивните сметки, осомничените се обиделе да ги олеснат за сума од над 4,5 милиони денари.
Дел од криминалната група биле пет македонски и еден бугарски државјанин. Сите македонски државјани се од Прилеп на возраст од 22 и 24 години, додека бугарскиот државјанин е на возраст од 30 години.
Кога не можеле некоја трансакција да ја реализираат во земјава, пријавените лица со фалсификуваните платежни картички вршеле нелегални трансакции на банкомати и на продажни места во други земји од регионот како Р.Бугарија и Р.Србија, но и во земји како Малезија, Перу и други. Регистрирани се и случаи кога податоците на украдените платежни картички од вистински носители на платежни картички ги продавале преку Интернет со кои пак податоци биле вршени нелегални трансакции од страна на непознати лица.
Против членовите на криминалната група поднесени се кривични пријави. Тројца од пријавените македонски државјани веќе и се познати на полицијата бидејќи и порано против нив се воделе постапки за кривични дела од областа на злоупотреба и фалсификување на платежни картички.