Во насока на отпочнување со активности за донесување на Нацрт на Закон за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, денес беше одржана работната средба со претставници на невладините организации во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска во своето воведно обраќање се осврна на важноста од донесувањето на овој Нацрт-закон за Охридското Езеро, согласно препораките на УНЕСКО, за да се овозможи заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности на ова уникатно подрачје, информираат од МЖСПП.

Од страна на Даниел Богнер (Регионална канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) беше одржана презентација за Студијата за валоризација на природните вредности Охридско Езеро.

Потоа беа преставени основните начела и структурата на Нацртот на законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, кој е изготвен и се донесува во согласност со Законот за заштита на природата. Следуваше дискусија, забелешки, предлози и прашања од преставници на невладините организации, додаваат од МЖСПП.

Потенцираат дека постапката за донесување на Нацрт-законот, МЖСПП ја води одговорно и транспаретно и сите конструктивни коментари кои се во насока на подбрување на Нацртот на законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, се и ќе бидат добредојдени и инкорпорирани во финалниот текст на законот.

Инаку, на состанокот присуствувале претставници од 10 граѓански организации кои работат на полето на животната средина.

OhridNews