Заштитата и обновување на екосистемите, зачувување на биолошката разновидност, како и промовирање на одржливи практики се во фокус на активностите кои ги реализира организацијата „Биодиверзитет за сите“. Работата на Организацијата, велат, се темели на иновативно управување со живеалишта, зачувување на природното и културното наследство, еколошка едукација, истражување, јавна вклученост и застапување.

Преку нашите активности ги охрабруваме заедниците, организациите и поединците активно да придонесат кон здрава и одржлива природна средина за сегашните и идните генерации, истакнуваат од „Биодиверзитет за сите“.

Нашата визија е свет во кој природата напредува, дивиот свет е безбеден, а луѓето живеат во хармонија со животната средина. Веруваме во заедничка одговорност, одржливи практики и соработка меѓу заедниците како основа за здрава иднина во која екосистемите се стабилни, а биодиверзитетот цвета, потенцираат од Организацијата.

На Отворениот ден кој го организираа, а беше наменет за граѓаните, младите и сите љубители на природата, присутните одблиску беа запознаени со нивната работа, но и како да станат дел од заедница која активно работи за заштита на природата.

Во моментот, посочуваат, Организацијата го спроведува проектот „Враќање на полуприродни суви тревни живеалишта на планината Галичица“, реализиран во соработка со Национален парк Галичица и финансиски поддржан од CEPF – Critical Ecosystem Partnership Fund.

Проектот има за цел зачувување и обновување на вредните тревни екосистеми, кои претставуваат значајни живеалишта за бројни ретки и загрозени видови. Покрај теренските активности, значаен дел од нашата работа е насочен кон еколошка едукација на деца од најрана возраст, преку практични активности во природа, работилници и програми кои ја развиваат љубопитноста, одговорноста и љубовта кон природата, додаваат.

Инаку, Организацијата е основана од Д-р Даниел Богнер – претседател, Ивана Христовска – секретар, Ангела Тасеска – експерт за биодиверзитет и еколошка едукација, Фросина Климоска Мошоска – проектен менаџер и Бојана Каровска – маркетинг.

OhridNews