Претставници од министерствата за земјоделство од 12-те држави-членки на Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите на Југоисточна Европа, како и претставници на институциите на ЕУ и на Австрија, Германија, Унгарија и Словенија, со статус на земји-набљудувачи, учествуваат на Форумот за земјоделска политика 2012 кој започна деенс во Охрид.

Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски потенцира дека Форумот за земјоделска политика повеќе од десет години е еден од најголемите собири од овој вид и е предводник во развојот на политичките дијалози на земјите на Југоисточна Европа и двигател во иновацијата и позитивните промени во земјоделството и руралниот развој.

Според министерот Димовски, Форумот е можност за учесниците на собирот да разменат на искуства, како и можност за унапредување на натамошната соработка.

Пристутните на Форумот за земјоделска политика 2012 ќе се осврнат и на имплементацијата на идната земјоделска политика и политиката за рурален развој на Европската унија и нејзиното влијание врз земјите од Југоисточна Европа.

Меѓу главните теми за кои ќе се говори е земјоделството и руралниот развој, како и предизвиците поврзани со климатските промени и територијалната и регионалната соработка.

Се очекува од форумот да биде издаден завршен документ,  „Охридска агенда 2012“, што ќе биде доставен до надлежните европски институции- Европарламентот, директоратите за земјоделство, различни комитети, агенциии, институции што се поврзани со односната тематика, преку кој ќе бидат презентирани позициите на регионот од ЈИЕ кон темите и проблемите што ги обработува Форумот, а се во врска со заедничката аграрна политика.

OhridNews
фото: Ѓоко Наумоски