Студентите и младите претприемачи на возраст од 18 до 30 години, кои имаат креативни бизнис идеи ќе може да се пријават на натпреварот „Биди перспективен започни свој бизнис“. Според Јавниот повик кој го објави Министерството за економија на Република Македонија, бизнис плановите ќе може да се достават најдоцна до 15-ти септември, 2014 година.
Најдобрите бизнис планови ќе добијат финансиска поддршка. Прворангираниот бизнис план ќе добие 330.000 денари, второрангираниот 230.000 денари, а треторангираниот 130.000 денари. За четврторангираниот бизнис план ќе се обезбедат 100.000, а за петторангираниот 60.000 денари.
Петте наградени бизнис планови согласно јавниот повик треба да формираат претпријатие и за неговото регистрирање, ќе треба да ги искористат средствата од доделените ваучери.
-Првата фаза од овој натпревар е веќе заокружена, а истата се однесуваше на избирање најдобри бизнис идеи при што од 59 доставени, селектирани беа 40. Апликантите на овие бизнис идеи имаа можност да поминат обуки за реализирање на идеите во бизнис план. Најмногу бизнис идеи, преку 50 отсто од пристигнатите, се од областа на информатичката технологија и занаетчиството, информираа од Министерството за економија
Во реализиција на натпреварот вклучени се и Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Министерството за образование и наука, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Државниот Универзитет во Тетово, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, Бирото за развој на образованието и Бизнис старт-ап центарот при Машинскиот факултет.
OhridNews