Пред голем број гинеколози и акушери од Македонија и десеттина земји од странство, во хотелот Инекс беше отворен Третиот Конгрес на гинеколози и акушери на Македонија со меѓународно учество.

Пред присутните врвни лекарски имиња од голем број земји од Европа, Америка и Азија, се обрати градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој во својот поздравен говор го истакна своето задоволство од нивното присуство во Охрид.

Почестени сме што Охрид, вечниот град на митскиот Балкан, е избран да  биде местото каде ќе се стекнат нови  знаења, искуства и пријателства. Античкиот и средновековниот Охрид, гостољубиво отворајќи им ја вратата на посетителите  отсекогаш бил мост за поврзување на народите. Нека и деновиве Охрид биде мостот за продлабочување на врските и проширување на научните хоризонти.“ – истакна Бакрачески.

Потенцирајќи го значењето на ваквите собири за размена на искуствата од врвните медицински имиња во областа на гинекологијата, Бакрачески напомена дека прифаќањето на меѓународните медицински искуства и подобрувањето на научната практика, се столбови на кои се гради современото македонско здравство.

Се надевам дека темите кои ќе бидат презентирани на овој научно-репрезентативен собир, ќе претставува збогатување на знаењата од областа на гинекологијата и акушерството, кои понатаму ќе ја подобруваат здравствената практика од овој значен дел од медицината.“ – додаде Бакрачески.

Инаку, како што претходно градоначалникот изјави, конгресниот туризам има големо значење за презентацијата на Охрид како туристичка дестинација. 

OhridNews