Новоизградениот, втор по ред Информативен центар за посетители во рамките на Националниот парк „Галичица“ вчера свечено беше отворен во преспанското село Стење. Објектот во употреба го пушти министерот за одбрана Зоран Коњаноски.

– Преспа беше и ќе продолжи да биде туристички бисер. Иако изминатите дваесет години малку се вложуваше во овој дел на Македонија,  уверен сум дека со напорите на Владата ќе успееме да свртиме нова страница во развојот на Преспа, рече Коњановски.

Коњановски најави дека во функција на равој на туризмот во Владата било поставено прашањето за одржување на патниот правец преку Галичица што е затворен за сообраќај во текот на зимскиот период, а се разговарало и за натамошните активности што ќе се преземат за туристичко заживување на преспанскиот крај.

Во Информативниот центар сместен во старата полициска станица во селото Стење, два километри од албанската граница, покрај делот наменет за вработените во Националниот парк „Галичица“, ќе има и изложбен простор во кој ќе бидат презентирани вредностите на паркот, потоа информативен дел со обезедени корисни информации за посетитителите, како и дел наменет за продажба на сувенири. Во рамките на центарот ќе работи и канцеларија на локалната самоуправа од Ресен, што че врши услужни дејности за локалното население.

Директорот на Националниот парк „Галичица“  Зоран Ангелоски истакна дека информативниот центар од преспанската страна на планината, заедно со центарот што минатата година беше изграден на охридското крајбрежје, кулата за набљудување птици и системот пешачко-рекреативни и велосипедски патеки во должина од 350 километри што се во изградба, ќе означат почеток на заживувањето на туризмот во тој крај, од кој најмногу бенифит секако ќе има локалното население.

OhridNews