Денеска во просториите на Факултетот за туризам и угостителство, започна првата Меѓународна научна конференција, која во наредните два дена ќе се одвива на четири локации во Охрид. На конференцијата присуствува бројни домашни и странски научни работници од областа на културното наследство, туризмот и медиумите, потоа професори, експерти и претставници на локалната самоуправа.

Според градночалникот на Охрид, Александар Петрески, преку оваа конференција градот и земјава ќе бидат достојно промовирани пред јавноста. „Не случајно оваа конференција се организира токму за празникот Водици. Самата тема на конференцијата ги опфаќа областите на културата и културното наследство, заштита на градот и езерото, односно медиумите како важна алатка за промоција на Охрид и земјава пред светот.“ – изјави  Петрески.

Претставникот од Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките, Лина Гергова, смета дека конференцијата ќе придонесе за подетално запознавање со нематријалното културно наследство. „Преку реставрација на културното наследство, очекуваме јавноста повеќе да се запозне со истото. Имаме учесници од многу земји, кои се експерти од различни области. Повеќето се млади научни работници, кои се во тек со новите технологии.“ – вели Гергова.

Таа потенцира дека во овој дел од Европа, недоволно се вложува во областите поврзани со културното наследство. „Просторите каде што живееме, имаат што да му покажат на светот. Преку интернетот и медиумите, сите народи ќе можат да увидат со какво културно богатство располагаме. Оваа област во Бугарија не е доволна развиена, од проста причина што бара многу финансиски средства.“ – додаде Гергова.

Конференцијата ќе има повеќе сесии, а една од нив ќе има мултимедијална димензија, односно ќе биде остварена преку интернет. Најатрактивната ќе биде на православниот празник Водици од 12:30 часот, кога 3Д графичката реконструкција на ранохристијанската базилика од Плаошник, ќе биде презентирана пред јавноста.

Инаку, Охрид за прв пат е домаќин на ваква конференција, која е во организација на Институтот за Социо-културна антропологија  во соработка со Универзитетот за аудивизулени уметности ЕСРА и Евро-азиската академија за телевизија и радио од Москва, Русија. Покровител на конференцијата е Општина Охрид.
 

OhridNews