Првата вечер од најновото, 23- то по ред издание на “Поетската ноќ во Велестово”, беше посветена на опусот на поетот Владимир Мартиновски, кој претстави дел од својата поезија, придружуван од актерката Верица Недеска.
Беседа за неговата поезија одржа проф. д-р Лидија Капушевска–Дракулевска, а потоа посетителите имаа можност да уживаат и во настапот на Старовски бендот, исполнет со лирски мелодии поддржани од стихови од македонски поети, чии членови преку текст и музика пренесоја приказни од животот, љубовта, смртта, копнежот.
На крајот од вечерта, во обновениот Центар за култура, беше отворена изложбата на академскиот сликар Емилија Лазаревска.
Вечерва, во рамки на втората, интернационална вечер, својата поезија ќе ја претстават поетите: Сим Кера од Естонија, Желко Миловиќ од Црна Гора, Елена Рибет од Италија, Лука Бенаси од Италија, Патрик Котер од Ирска, а ќе биде одржана и изложба на рачно изработен накит од Елена Ристовска и Глигор Кузмановски.