На 2 февруари 1983 година во Охрид почина Д-р Елена Етингер Каваева. И после 40 години од нејзината смрт, за неа и за нејзиниот доприност за здравствената заштита на населението од охридско-струшкиот регион, се зборува со голема почит и благодарност.

Повеќе од четири децении Д-р Каваева беше посветен лекар, доајен на македонската педијатрија, активен општественик и хуманист. Борбата со маларијата и други заразни болести биле голем предизвик за брачниот пар Д-р Елена и Д-р Владимир Каваеви. Во здравствената установа “Маларична“ илјадници пациенти, најмногу доенчиња, деца и младинци од Охрид и околината беа најсовесно лекувани, вакцинирани, превентивно прегледувани, испраќани на лекување и рехабилитација во разни специјализирани установи во тогашна Југославија. Мајките добиваа совети како најдобро да се грижат за здравјето и хигиената во семејството.

Д-р Каваева повеќе години го раководеше и првиот Родилен дом во Охрид, каде секојдневно го контролираше здравјето на новороденчињата. Мајките ги советуваше дека мајчиното млеко е најдобро за бебињата. Како прв раководител на Центарот за заштита на мајки и деца ги едуцираше трудниците, сопружниците ги советуваше како да го планираат семејството, држеше разни предавања. Секогаш застануваше во одбрана на самохраните мајки, онеправданите и бедните семејства. Беше активно ангажирана во Општинскиот Црвен крст и организацијата на жени АФЖ. Успешно соработуваше со Главниот одбор на Црвениот крст и со UNICEF во интерес на ранливите семејства.

Родена во Полска (Ченстохова), студирала медицина во Берн, а студиите ги завршува во Берлин, каде и докторира, професионално ангажирана во Петроград во виорот на Октомвриската револуција, со сопругот, стружанецот, Д-р Владимир Каваев (1880-1931), доаѓаат во 1923 година во Струга, четири години покасно во Охрид, за да го лекуваат и здравствено-хигиенски да го советуваат нашето население.

Повеќе од седум децении, животот и делата на брачната двојка Каваеви побудува интерес кај јавните средства за информирање од земјата и од странство. Книгата ”Д-р Владимир и Д-р Елена Каваеви” на авторите примариус д-р Стојан Ковачески и професор д-р Марјан Димитријевски, (Центар за култура Струга, 2010 г.) е најзначајно и најобемно дело за нашите великани.

Во 2014 година OhridNews со напис даде иницијатива Здравствениот дом “Маларична” да го носи името на Д-р Елена Каваева. Предлогот беше поддржан и од тогашниот Совет на Oпштина Охрид, но не се реализира. Во 2021 година членовите на Лајонс клубот “Лихнидост” испратија барање до градските власти на Охрид, една улица или здравствен дом во градот да го понесат нејзиното име. До денес ништо од ова не е направено.

Во 1941 година, кога фашизмот беснеел над светот, охриѓани со петиција од околу 700 потписи, испратена преку видни граѓани до бугарските власти, успеале да ги спасат докторката (со еврејско потекло) и нејзината ќерка Регина од интернација во концентрациониот логор Треблинка. Денес, можеби со една анкета спроведена по електронски пат, би можеле да допреме до релевантните субјекти за да конечно таблата на Здравствениот дом “Маларична” биде украсена и со името на Д-р Eлена Каваева.

Виолета Карадимче Јанева

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите