
Езерото веќе е доволно ПОВРЕДЕНО. Му се одзеде голем дел од неговиот простор за да се направат: “елитни“ кафулина во неговото крајбрежје, да се направат дворови во куќите покрај брегот на Езерото, примамливи за туристите кои едвај по неколку дена остануваат во Охрид, да се изградат медитерански плажи. Оставете ги медитеранските плажи на Медитеранот. Охридското Езеро си има свои охридски плажи, примамливи за туристите. Малку по малку му се одземаат површини од неговиот најдобар ЗАШТИТНИК, блатото. Му се одзема трската која претставува најдобар ПОТРОШУВАЧ на органските материи кои гравитираат во Езерото, и не дозволува истите да навлезат во неговите сини води. Е, бидејќи брегот покрај Езерото ни е “мал“ за шетање, ете ја идејата да се направи шеталиште со кое повторно ке биде одземен голем дел од овој екосистем. А тука е и марината во централниот градски дел на Езерото. А за да имаме ПОДОБРИ плажи, беше пласирана идејата да се донесе песок и да се направат ѕидови околу крајбрежието за песокта да не ја носи водата, како што се донесоа палми кои како ругло ја уништуваат убавината на езерското крајбрежје. Од кого и да се овие и други идеи, кои им паѓаат на памет на заинтересираните за лични интереси, се ирационални. Тоа се идеи на луѓе кои не знаат што е екологија, а се декаларираат дека се за неа. Тоа се идеи на луѓе плиткоумни, кои не размислуваат долгорочно. Тоа се идеи на луѓе кои за да го реализираат личниот интерес газат преку се, па и преку ова незаштитено СУШТЕСТВО-Езерото. На алчноста за пари и нема крај.
Зарем е потребно луѓе надвор од Македонија да ни кажуваат колку е вреден овој наш бисер, кога во градот заштитник на УНЕСКО во кој е уништена и автентичната архитетктура, осумдесет години постои најстарата научна институција во Македонија, која се формирала токму заради специфичниот жив свет, заради богатството на ендемични и реликтни видови во Езерото и заради нивната важност од научен аспект. Сите добиени резултати, се добиени со макотрпна работа и огромен ентузијазам на плејада лимнолози од светски глас, кога отсуствувала современа опрема за работа. Тие идеи и ентузијазам за работа и осознавање на тајните кои ги носи Езерото, се пренеле на генерации кои се менувале, и продолжиле до денес. Горда сум што 35 работни години поминав во неа. Зарем толку сме неразумни и свесно одиме во неповрат со налудничавите идеи.
Прва асоцијација за Охридското Езеро е охридската пастрмка. Навистина е така, но никој не се запрашал зошто овој ендемит е таков каков што е. Со што се храни, во каква вода живее, дали воопшто ги има потребните услови за да може непречено да се развива? За тие што не знаат, а такви се многу, охридската пастрмка е само еден мал сегмент од ЦЕЛОТО, кое го сочинува пред се конфигурацијата и потеклото на Езерото, неговото богатство со жив свет (растителен и животински) кој ретко го има во други езерски екосистеми, целото крајбрежје, Студенчишкото блато, изворите кои постојанно го напојуваат со чиста изворска вода и уште многу многу елементи. Се разбира тука не можеме да го изземеме и човекот со својата ирационалност и ниска еколошка свест.
Сметам, дека е веќе крајно време НЕРАЗУМНИТЕ да се ВРАЗУМАТ, вистински да ја подигнат еколошката свест и да станат рационални. Да се потрудат ВИСТИНСКИ да разберат што значи природата, што значи екологијата, што значи науката во која толку малку се вложува. Да престанат да ГРИЖАТ за Езерото. Да може да зборува, тоа би ни рекло: “Оставете ме само ќе се заштитам“. Верувајте дека тоа навистина е можно бидејќи ТОА, ЕЗЕРОТО, ќе ги почитува Законите на природата.
Ова што го напишал професорот Кристијан Албрехт, е голема шлаканица за Македонија, за надлежните инстанци кои носат одлуки за зафати без да побараат соодветно толкување од надлежните научни фактори. Самоволието никаде не води.
Проф.Др. Вера Новевска 
Научен советник во пензија
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив

					



							






