Новата фабрика на компанијата ОДВ Електрик во Технолошко индустриската развојна зона Охрид – Струга, вчера свечено беше отворена.
Според изјавите на менаџментот на ОДВ Електрик, оваа компанија досега инвестирала 4,7 милиони евра во изградба на производствениот погон и набавка на опрема, а во компанијата работат 220 лица.
На свеченоста присуствуваше заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој истакна дела омпаниите, каква што е и ОДВ Електрик, се добродојдени во Македонија и ќе бидат сестрано поддржани.
–Новите инвестиции, кои ќе се вклучат во новата програма за поддршка, која вчера ја промовиравме, ќе бидат уште посилно поддржани од Владата на Република Македонија. Доколку ОДВ Електрик немаше потпишано договор за државна помош и сега донесеше одлука за инвестиција, јас Ви гарантирам дека државната поддршка би била и повисока. – рече Вицепремиерот.
Освен ОДВ Електрик, во Македонија има уште три компании кои работат на производство на кабли за автомобилската индустрија, а вицепремиерот тука гледа можност за зголемена соработка помеѓу домашните и странските компании.
-Веќе имаме четири странски компании кои изработуваат кабли за автомобилската индустрија во Македонија, сметам дека е добра идеја да имаме и еден домашен производител кој би ги снабдувал со репро материјали овие компании, да не мора да ги увезуваат од странство, со што би се споиле ланецот на производство и ланецот на набавки, а македонската економија би имала поголеми придобивки. Странските компании нема да бидат задолжени да купуваат македонски производи, но би ги замолиле да им помогнат на домашните да го достигнат потребниот квалитет на производство, а Владата силно ќе ја поддржи соработката помеѓу домашните и странските компании. – додаде Анѓушев.
OhridNews











