На Охрид му фалиТ елеганција, нешто посебно, екслузивно. Сите сакаме барем еднаш да се чувствуваме претерано разгалени, како кралеви, кралици или принцези. Без разлика дали имаш преполни џепови, скромна финансиска состобоја, да си дуватор со парите од богатите родители, вреден, отепан работник или успешна личност во било кој сегмент. Ќе го платиш кафето со минимална почетна цена од 300 денари – сепак она од автоматон кај мостон спроти морнарицана за 10 денари исто е доста слатка уживанција. Најевтино во градот. Ама друго е во украсна порцеланска шолја, со био шеќер, мало веганско колаче и кралска услуга. Само за таква услуга, местото и погледот ќе вредат да одиш во „Grand hotel du Palais Ohrid“.

‘Палас’ е остаток од славното минато. Дел од таа ‘бруталистичка’ (социјалистичка) архитектура. Детали и ситници се уште може да се видат кои укажуваат дека овај објект бил многу убав, елитен. Сега овој простор е со избледена слава. Собирно место за клошари, јавен тоалет, место за пијаници, заљубени парови, наркомани, напуштени кучиња и на сите нас што парадираме покрај него во чад од околните скари и крофни.

Некогаш ова напуштено кралство беше симбол на величенственост, класа, стил. Не беше само пристапно за елитата и туристите. Подоцна и ние, обичниот народ, можевме да го доживееме малку ‘Палас’. Ама настрана. Во големата стаклена сала, за да славиме свадби, себапи. Имаше и диско во друг дел. И тоа какво. Се организираа ТВ-емиси, настани, фестивали…

Среде актуелната возбуда изминатите недели околу Охридскиот маратон моите мисли се вратија 21 година назад. На 20 август 2001 последен пат ставив нога во некогашниот реномиран ‘Hotel Palace’. Непосредно после историскиот Охридски рамковен договор со триста обезбедувања поради евентуални немири, многу весели волонтери и неколку илјадна публика покрај кејот се следеше тогашниот маратон. Имав прилика да правам документарна репортажа за Холандија. Ја пратевме победничката Едит ван Дијк. Таа беше сместена во ‘Палас’. Од тука тргнавме со цела екипа со автобуси кон Свети Наум.

Летово се паркирав често пред продпаднатиов хотел. Едно утро во август се решив од толку години, стотини пати поминување да направам некоја слика од надвор. Кадри како од филмска сцена. Тивкиот мебел, лустерите, цвеќината, влезната врата, шалтерот, собите, мермерот го чекат нестрпливо со децени режисерот кој ќе кажиТ: акција! Сите сме сведоци на состојбава. Различни работи во Охрид се дел од Охридскиот идентитет: граѓаните, езерото, чаршијата, чинарот, плоштадот, уличнине менувачи на девизи кај пазарон, антички, Канео, Варош и  Хотел ‘Палас’. Сите се чудиме зошто хотелов е таков како што е и стои како што стои. Нешто треба да се направи, целосно да се реновира? Деликатно. Да не се рушиТ ништо, се така да остане? Во оргинална градба, со големата отворена бавча, високи дрва, широка тераса. Има простор за базен, фонтани. Со затворени и отворени очи може да се замислуваш на француската ривиера: „Grand hotel du Palais Ohrid“.

Само не знам дали е смешно или жално, бидејќи се вртат милионски цифри и во Македонија. Има многу јаки бизнисмени и бизнисменки. Би било добро да се склучиТ нов ‘Охридски договор’ помеѓу акционерите и моќен, паметен инвеститор или странски јак бренд од луксзузно ниво. Колку потешки спорови се решавани и така поминати во државава, без оглед дали се согласуваме ние или не. А еден хотел не може да се среди, а треба конечно. По гости сите разговараме дека најглавниот државен капитал исчезнува – луѓето. Сите заминаа по странство. Нема молер, водоводџија, електричар, општи мајстори, нема готвачи, нема доктори, програмери. Се си замина. Нека биде Палас 2.0, нов пат и можност за цел Охрид, сите да профитираат и да бидат дел од таа приказна. Тој огромен простор да обезбеди многу работни места. Само за имево ќе сакаш да спиеш и јадеш тука.

Има многу згради и куќи во Охрид со табла ‘хотел’. Има и доволно кич работи низ центарот. Време е да има нешто посебно, со деликатен сос, стар, нов Охридски, впечатлив простор, со интернационален изглед и шмек. Со вистински пет ѕвезди сертификат според високи светски стандарди. Да престојуваат претседатели, премиери, филмски, музички, спортски, уметнички ѕвезди, врвни гости од цел свет и друга класа туристи. Но чувајте ја стакленана сала! За да се чувствуваме и ние обичните смртници славни на локалните свадби под кралската круна. Да можеме и ние да се фалиме: ееј бев во „Grand hotel du Palais Ohrid“

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.