„Вертикали и премини“ е името на изложбата на фотографии од вевчанецот Анастас Ќушкоски, што беше отворена деновиве во куќата на Робевци во Охрид.

Изложбата која ја организираше Националната установа Завод и музеј од Охрид, содржи 65 експонати преку кои Ќушкоски на посетителите им го разоткрива феноменот на вертикалите и премините, толку типични за овие простори, а сепак небични и привлечни.

На почетокот од месецов овој македонски фотограф имаше изложба и во Домот на културата во Вишеград, Република Босна и Херцеговина.

Анастас Ќушкоски е роден 1942 год. во Вевчани- Струшко, а завршил економски факултет во Прилеп. Како надарен автор на разновидни и различни уметнички полиња, тој креирал маркантни уметнички дела од областа на книжевноста, документарните филмови, во уметничката фотографија и истражил заблежителни научни факти на полето на уметноста, историјата и во други науки значајни за општеството.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото за наука, уметност и култура од Битола и Струга, како и член на Центарот за карпеста уметност на Македонија. Денес живее и работи во Вевчани.

OhridNews