Во рамки на програмата на Општина Охрид за одбележување на 2. Август – Денот на Републиката, вчеравачер во Музејско-културниот центар „Лапидариум“, беше отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, приредена од Македонското грбословно друштво.

Овој значаен настан претставува мост меѓу минатото и современоста и спој меѓу историјата и визуелниот идентитет на нашата земја. Хералдичките грбови не се само украс или формалност, тие се гордост и припадност. Тие се приказни, раскажани преку симболи и се дел од културното богатство на секоја заедница. Хералдиката е јазик на боите и формите, јазик што говори за чест, достоинство и традиција. Во време кога се повеќе е актуелно прашањето за нашиот национален идентитет, оваа изложба доаѓа како потсетник за тоа кои сме и што носиме со себе како народ. Горди сме што овој настан е доказ на континуитетот на македонската државност и културна самобитност, за вредностите што низ вековите се преточиле во симболи и моќни носители на националниот и локалниот идентитет, рече Крстеска.
Чест ни е, посочи, што Охрид како домаќин е дел од оваа поставка со своите главни симболи, изработени со професионална помош и стручна поддршка токму од Македонското грбословно друштво.
Посакувам оваа изложба да биде инспирација за младите генерации, за локалните заедници и за сите нас, да продолжиме да го почитуваме, негуваме и унапредуваме она што не прави Македонци, додаде Крстеска во своето обраќање.

Изложбената поставка брои вкупно 35 панели и е поделена на два дела. Првиот дел се однесува на историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, односно грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија. Во вториот дел на изложбата, акцентот е ставен на современите грбови во Македонија, грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.


OhridNews












