Во  галеријата при  Центарот за култура „Григор Прличев“, синоќа, беше отворена изложбата на фотографии  насловена како „Москва денес“. Пред присутните се обрати градоначалникот Јован Стојаноски кој изрази надеж дека во иднина ќе се реализираат поголем број слични културни настани кои се во насока на зацврстување на пријателските односи со Руската федерација и поголема културна афирмација на Охрид.

За значењето на  изложбата „Москва денес“ пред присутните гости од земјава и странство свое обраќање имаше и амбасадорот на Русија во Македонија, Н.Е. Олег Шчербак.

– Ниту една изложба секако не може да создаде целосна слика за толку голем град, но презентираните слики сепак го пренесуваат главното односно убавината, доброто и човечкото лице на овој прекрасен и стар град, расположение на оптимизам и сигурност во утрешниот ден кое владее кај неговите жители. Ова позитивно расположение е оправдано бидејќи Москва се наоѓа на прво место во Европа според темпото и размерот на градежни активности. Градот поминува низ многу интензивен период на развој, модернизација на инфраструктурата, вовед на нови најсовремени архитектонски решенија и дигитални технологии, меѓу другото и управување со градско стопанство. Во центарот на вниманието на градските власти и на грѓаните на Москва е обезбедување на највисоки еколошки , образовни и здравствени стандарди, како и квалитетни промени во животната орјентација на човечки потреби, истакна Шчербак.

Изложбата е поддржана од Амбасадата на Руската федерација во Република Македонија, Почесниот конзулат на Русија во Охрид, Музеј на град Скопје и НУ Завод и музеј – Охрид.

OhridNews