На едно огромно паднато дрво од 25 метри се суши облека на јаже. Некој си ставил шарен чадор пред наткренатите корења. Испикани паркирани коли околу гранките. Мајка природа оставила јасни траги покрај Охридското Езеро. Силно невреме поминало низ Љубаништа. Ама тоа рането дрво во Љубаништа симболизира многу.

Во просечна недела во лето автентичните охриѓани се овде на плажа. Во линија како растурени коцки сме една охридска фамилија, лево и десно од дрвово. Овде нема елити, политички манипулатори, финти. Овде нема граници. Тука сите сме скоро голи, депилирани, влакнести, дебели, слаби, тивки, гласни. Овде сме сите опуштени и малку екстра диви. Намерно. Излезени сме од кафези. Такво е местото. Да правиме што сакаме. Кој е кој, не е важно. Во овој простор нема место за литературни разговори, нема простор за потценување или фалење, за ароганција и себепромовирање. Животот е доволно комплициран.

Во недела во Љубаништа на плажа е ден за обичното и необичното. Ќе се сретниш со доктор, конечно ja гледаш таа убавата асистентка од стоматологот во уште посекси издание, ќе видиш кардиолог, наставничка во бикини, јака професорка со влечки, а не на штикли, има и директори, адвокати, инженери, таксисти, водоводџија, молер, уметник, архитект, актер, археолог, комичар, спортист, манекенка без шминка, бизнисмен, шофер… Во Љубаништа има се и секого. Охриѓаните од куќите – становите се за еден ден или за една недела преселени во Љубаништа. Овде сите сме рампноправни, средно и високо образовани или нешколовани. Овде имаме големо човечко богатство. Овде нема глумење. Овде не се важни завршени факултети, титули, докторати, магистратури.

Овде се вистинските охриѓани. Овде сите ги вадиме за еден ден нашите маски. Покрај најчистата и најубавата вода. Се пијаТ и јајТ премногу. Овде нема странкски туристи! Ако  ги има, тогаш се страшно јаки хипици. Само на тие мистериозни туристи со плавиот Фолксваген кампер среде камп во Љубаништа со швајцарски таблици им бев љубоморен, што живеат ваков летен сон.

Од понеделеник се чекаТ нестрпливо следната недела. За уживанција. Што подалеку од сите чудесии во циркус Македонија. Љубаништа се гледаме. Кај дрвото.

Поздрав,
Влатко од Амстердам