Сите сме се во едно: жртва, обвинител, виновен, судија, сведок. Стално е друг крив. Сите сме експерти за се. Слабоста наша е покажување ранливност, искреност и гледање во огледало. Или уште поедноставно, земање предвид и одговорност на околина и други. Многу непријатни ми се возачите/возачките што ги блокираат улиците во шпицот на летната гужва со четири „жмигавци“ (трепкачи). Ко тоа црвено/црно дугме да им е дозвола за се. Важна нијанса на темава е дека постојат два Охриди, летен и не летен.  Во летниот Охрид се прават и трошат парите, доаѓаат масовно домашни и странски туристи. Истовремено се е лудило, бизарно, хаотично, не-контролирано, без почит. Дива лига. Секој еден си прави што сака, без рестикции и никакви последици.

На пример возачи од Охрид, од региониот, од цела држава и иселеници со фаци „на три и пол“, сите се прават со сила блесави, глуви, слепи, глумат нешто позади воланите. Или, пак, се свесни и такви се по карактер – себични, автентични таленти. Истовремено знаат многу добро дека се криви за тоа каков застој прават, и какви се опасни акции се дешавет позади и околу нив. Дали имало свирење, пцуење, гужви, долга, кратка блокада, воопшто не им е грижа. Се стварат домино ефект, од едно застанување со 4 трепкачи.  Нивниот свет од три квадрати на парче асфалт им е најважен. Некој и ладно си излегуваат и се враќаат после 15 минути. Тогаш сите други им се криви во нивниот себичен свет. Ајде разбери се. Зашто секое лице што овде го прави тоа, во друга држава се почитува, кротко, се по закон? Време е за строг летен режим со нула толеранција. Зошто мнозинството, добрите, да патат секогаш од безобразните?

Секаде во Охрид има „4 жмигавци“ сцени. Пред бурекџилници, на кружно, пред кружно, пред бутици, на пешацки (само брзо да се поздравиш со некого или муабетче), пред банкомати, пред мини, макси и супер маркети, пред секакви дуќани (‘чекај да купам нешто, само една секунда’), пред ресторани (‘абе шо се нервираш, одма идам, да ги земам само кебапчињата’), пред книжари (‘ајде доста, одам само да купам тетратки за децата, седи мирен’), пред цвеќара (‘извини, имам нарачано букет и поклонот требит да е завиткан’), пред било што. Добро, пред аптеки сфаќаме сите дека тука не е никаков проблем. И пред градинки. Исто дозволено е пред својот дом, вадиш пример бебешка количка, опрема од на плажа, домаќински работи или патници да излезат човечки од кола.

Овие се црвените зони. На двете страни од Пазарон (најжестоко), по „Туристичка“ и се околу главнион кружен накај центар, делови од „Јане Сандански“, пола „7-ми Ноември“ (исто многу голем проблем), пред супермаркетон после кружнион од „Абас Емин“ накај калено (некогаш и скоро цел пат е тука блокиран), „Димитар Влахов“, „Партизанска“ и дел од „Питу Гули“ во околина на „Марко Цепенков“ околу кружноно исто е доста гужвесто, зш велосипедскана стана паркинг. А сите се клучни сообраќајници.

Одговорни за феноменот „4 жмигавци“ се најпрво самите возачи. Дел од тоа безобразие се и сите што дозволија со децении да се уништува градот со масовна урбанизација и згради и кај требит и кај не требит, со деловни објекти без пристап и паркинг, а за квалитетот на градба ама и на живот да не прајме муабет. Охрид се загуши во центарот ама и во околните улички кои гравитираат кон центарот. Со нула креативност, без визија го направија Охрид урбанистички грд. Ново што видов летово е влез во нова зграда одма од пешачки. Да се прекрстиш.

Доаѓам 50 години нон стоп во Охрид во секакви времиња. Оваа година пет пати го посетив родниот крај во различни периоди. Премногу го сакам Охрид. Често доаѓаат пријатели и колеги од Холандија во Охрид. Во Холандија, за жал, веќе неколку години Охрид многу слабо се рекламира по медиумите и на отворени места надвор, само по агенции и ако побараш сам онлајн пакети. Албанија, Турција, Грција и Азија растураат – турбо со квалитетен маркетинг. Охрид, кај си? Се изгуби, не те гледам од високите ѕидови. И од каде толку апсурдни Дубаи-цени на квадрат за станови? Која не-логика владејт во една од најсиромашните држави во Европа. Најинтересено, а воедно и несфатливо е тоа што се е е купено или продадено, уште пред да се градит!

Законски „4 жмигавци“ се дозволени за сигурност, помош, опасност, имаш на пример дефект со возилото, ако има судар, знак дека има колона и брзо истоварање на роба, ама само на одредено место. Охрид е град на „4 жмигавци“, како и можда голем дел од системот во државата. Закочени се работите, чекај овде, чекај онде, она, таму, тука, ‘ќе средиме, ќе видиме, ќе направиме, ќе бидиТ.’ Доста работи се во „4 жмигавци“ состојба. Време е државата да влезит во брзина, во темпо, енергично, без застој. Но, дел од народот е мрзлив, не е за пешачење при паркирање, какво ти ‘по горе’ од каде што треба да завршиш демек нешто важно. Да е до некој, би се паркирале внатре во пекари, кафичи, ресторани, супермаркети. Се разбира, навистина нема каде да се паркираш. Зато вака се дешават се. Тоа ќе е маката.

Туку дојде конечно не-летен Охрид: Најубав! Многу „4 жмигавци“ ќе бидат со месеци во зимски сон.

Влатко, Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Отворена се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите