Придобивките од патувањето им се познати на луѓето кои тоа го доживеале. Без оглед каде биле, со што патувале, неопходни им биле пари и секако карта. Впечатоците остануваат врежани во мислите, како и фотографиите свидетели од предизвикот кој си го овозможиле.

Самиот наслов ќе го заинтригира читателот какво е тоа патување? Имено, станува збор за лично искуство кога сум патувала со воз, авион и автомобил. Како, каде и кога? Прашалните зборови ја поттикнуваат љубопитноста на читателот. Сигурна сум дека многумина ќе помислат, се изнашетала, друг ги сносел патните трошоци, па сега еве ќе се фали! Без навреда, луѓето најчесто се брзи кога заклучуваат нешто па истото и ќе го изговорат.

Не, ни најмалку не станува збор за таков контекст на содржинава. Многумина откако ќе го прочитаат текстот ќе се сложат со содржината, која само оние што ја доживеале на своја кожа ќе бидат мои сопатници, за што лично им посакувам да не им се случува и што поскоро да патуваат со пари и со карта.

Станува збор за рано утро, два часот кога ноќта царува, а јас го почнав моето патување кое беше реалност, а не сон! Се чувствував дека се наоѓам во купе од кола за спиење каде не можев да претпоставам кога ќе дојде до престројување на возот по шините. Свесно станав тресејќи се да стигнам до следното патување на стол на кој не се врзав, со оглед што почнаа страшни турбуленции, чинам сум во авион кој минува низ облак. Пред себе немав стујардеса, напротив кока кола, чоколадо и слатко од смокви. Треперењето на раката да посегнам по смоква ме предупреди да побрзам бидејќи летот беше навистина загрижувачки.

Чашата трепереше во моите раце, но успеав да се напијам. Што поскоро се почестив со парче чоколада и малку вода. Видливо беше чувството дека ќе успеам да се спуштам на копно и да го продолжам патувањето седната на столот со поглед насочен кон часовникот на ѕидот. Минаа 20 минути, срцето почна да го смирува забрзаниот ритам, а јас се почувствував безбедно спуштена на пистата. Искуството од ваквото патување ме научи да не станувам се додека телото не се „соземе“ од возбудата.

Ете, тоа се моите патувања кога шеќерот ќе падне во гликемија со коефициент 2.5. Возможно е сето ова, но соберете храброст индивидуално да си помогнете бидејќи ваквата состојба може да ве доведе до ситуација да немате следно патување. Случувањата ме научија дека и високиот шеќер со немерлива стапка на апаратчето е друго чувство на патување. Но, ова напишаново е навистина загрижувачко особено кога прави осцилации од високо ниво на шеќер во крвта до состојба која јас ја нарекувам „Патување без пари и без карта“.

Морам јас и сите кои имаат проблем со дијабетот да му се спротивстават на ваков храбар начин за да умеат да го продолжат патувањето низ деновите што се пред мене и пред Вас, и да му се радуваат на секој нов ден! Ви посакувам добро здравје, затоа што „Здравјето можеби не е се, но без здравје и се е ништо!“

Со почит кон лицата со дијабет!,

Снежана Атанасоска

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите