Под мотото „Сите деца се исти“ започна со работа првата инклузивна игротека во Охрид во просториите на поранешната касарна. Околу 20 деца со церебрална парализа ќе имаат место за игра, терапија и социјализација.

Весна Габелоска  од Здружението В.О.П.С Поддршка Охрид, проектен координатор, во своето обраќањето пред претставници од Општина Охрид, УНДП, стручни лица, родители и деца истакна дека потребата од вакво место била голема бидејќи овие деца поради архитектонските бариери и непристапноста во градот, забавните паркови и игротеките, едноставно нема каде да одат.

Од друга страна и степенот на инклузија во училиштата сеуште не е развиен на доволно високо ниво за да ги прифати овие деца, па така овие деца за жал се осудени да седат само дома. Тоа им го ограничува развојот и им го бои денот во сивило. Сакав да ги извлечам овие деца од таму и се надевам дека во овој простор ќе успееме да им го подариме детството и играта. Овие деца уште од стартот на животот се соочени со постојана терапија и затоа на некој начин нивното детство е скратено, но се надевам дека тука ќе успееме да склопиме се во едно, да им дадеме простор каде тие ќе се социјализираат, ќе играат на начин соодветен за нив, а во исто време ќе добиваат и терапии. Ќе овозможиме една средина поттикнувачка за нивниот развој. За малите деца ова е од особено значење зошто уште од мали нозе ќе се социјализираат, а понатаму тоа ќе даде придонес за нивно полесно вклучување во процесот на образование. Оваа игротека предвидува и поддршка за родителите, предвидени се и работилници за психолошка поддршка, а ја гледаме и како можност за зближување на целото семејство, додаде Габелоска.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека со ова се прави значаен чекор во подобрување на перцепцијата, надминување на предрасудите за поголема инклузија на лицата со посебни потреби и обезбедување на услови кои ќе им го разубават животот и ќе им го олеснат секојдневието на нивните најблиски.

Кончено овие дечиња ќе добијат катче за социјализација и дружење и конечно ќе излезат надвор од изолацијата во своите домови. Отворањето на оваа инклузивна игротека претставува прва фаза од стратешката цел на Општина Охрид, а тоа е отворање на Центар за лица со пореченост каде на едно место ќе се обединат сите дневни центри и нивната работа ќе се постави институционално. Со денешниот настан се завршува првата фаза од реализацијата на нашата замисла. Стручните служби на Општина Охрид и Здружението ВОПС на повик на МТСП доставија апликација за воспоставување на Дневен центар на деца со попречености на територијата на Општина Охрид, рече Пецаков.

Во скоро време, потенцираше Пецаков се планира и Дневниот центар „Зраци“ да биде префрлен на оваа локација со што ќе овозможиме посоодветни услови на лицата кои се згрижени таму.

Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП, истакна дека реализацијата на овој проект е од големо значење за психофизичкиот развој на децата.

Околу 20 деца со церебрална парализа што ќе имаат можност да си играат да се развиваат и да ги развиваат своите креативни можности што е многу важно за психофизичкиот развој на децата. Ова е еден дел од регионалната програма ReLoAD2 и во таа програма се реализира овој проект. Програмата финансиски е поддржана од ЕУ, а имплементирана од УНДП и во рамки на втората фаза од тој проект ќе го имплементираме и овој проект овде, но и уште 40 слични проекти од што корист ќе имаат околу 8.000 граѓани. Многу е важно вакви и слични проекти да се имплементираат бидејќи претставуваат добар пример како локалната заедница може да соработува со граѓанскиот сектор и меѓународна институција како што е УНДП и како тоа може да придонесе сите граѓани да имаат можност да се вклучат и да контрибуираат во општеството, рече Бојаниќ.

Инаку, инклузивната игротека е пилот проект во Охрид и воопшто во нашата држава. Проектот „Инклузивна игротека“ на Здружението В.О.П.С Поддршка Охрид се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 – ReLoAD2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

Н.С.Ј.